Живот во Валандово

за сите!
Програма

Ќе го забрзаме економски развој со програмата 5-50-500

Ќе отвориме 5 нови фабрики со висока додадена вредност, ќе мапираме 50 нови локации за стопански производствени погони и ќе отвориме 500 нови работни места.

Го развиваме земјоделството, го развиваме Валандово

Ќе го реконструираме и модернизираме системот за наводнување во општина Валандово. Ќе ангажираме тројца земјоделски промотори кои ќе го промовираат нашето земјоделско производство и ќе отвораат нови пазари за пласман. Ќе уредиме локации за откуп на земјоделски производи низ помалите населени места. Ќе ги субвенционираме земјоделците кои ќе инвестираат во нови насади на автохтони сорти на грозје, сточарите и пчеларите. Ќе ги уредиме кванташките пазари во Раброво, Јосифово и Удово. Ќе ги уредиме речните корита и одводните канали.

Јавен локален приградски превоз

Граѓаните на општина Валандово добиваат три посебни приградски локални линии (Валандово-Удово, Валандово-Грчиште и Валандово-Собри) во 3 различни термини од денот, јавен локален приградски превоз во секој работен ден од неделата и евтини дневни и месечни билети.

Здравствени услуги за сите

Комплетно ќе го ревитализираме и модернизираме здравствениот дом „Здравје” во Валандово, ќе стимулираме континуирано стручно усовршување и доквалификација на здравствените работници и соработници, и ќе отстапиме простории во сопственост на локалната самоуправа за амбуланти низ населените места.

Здрава животна средина за сите

Ќе поставиме мерна станица за контрола на амбиенталниот воздух. Ќе воспоставиме систем на врвна јавна чистота (секојдневно собирање на сметот и отпадоците од сите населени места на територијата на општина Валандово). Ќе набавиме две нови возила за собирање на смет и ќе поставиме нови контејнери и корпи за отпадоци во секое населено место. Целосно ќе ги исчистиме и затвориме дивите депонии, ќе изградиме стационар и ќе формираме шинтерска служба. Ќе ги пошумиме ридовите и планините зафатени со пожари, како и областите под ерозија.