Живот во Демир Капија

за сите!
Програма

Обезбедуваме иднина и развој на Демир Капија

Градиме акумулација на река Дошница (кај “Кинески колиби”) со пристапен пат, пат околу вештачкото езеро, цевковод за снабдување на Демир Капија со планинска чиста вода за пиење и цевковод за наводнување на целата земјоделска обработлива површина на општина Демир Капија која се наоѓа од десната страна на реката Вардар.  Акумулацијата ќе произведува и електрична енергија која општината ќе ја користи и продава. Земјиштето околу новосоздаденото езеро ќе се уреди и ќе стане туристичка локација налик на Мавровското Езеро.

Обезбедуваме квалитетна вода за сите

Изградба на водоснабдителен систем во Барово, Клисура, санација на каптажите во селата каде што е неопходно и доградба на резервоари на вода за оние населени места каде што е потребно.

Повеќе пари кај граѓаните, отвораме пазар на големо и мало

Отвораме покриен пазар за земјоделски производи на големо (со магацински, сортирачки и ладилни можности и информациони системи) кој ќе привлекува домашни и странски купувачи со што ќе се реши проблемот на пласманот на нашите земјоделски производи. Во склоп на истиот ќе работи и пазар на мало каде што транзит патниците од Е75 ќе можат да купат  локални производи.

Инфраструктура за сите, за квалитетен живот за сите

Ќе ги изградиме/реконструираме патиштата Демир Капија – Клисура, Демир Капија – Бесвица – Барово – Крњево, Демир Капија – Бесвица – Вешје – г. Дисан – Д. Дисан – Кавадарци, Демир Капија – Корешница, кон Бистренци и кон Челавец. Ќе изградиме кружен пат – врзување на пат црква –депанданс – ергела – с. Чифлик – клисурско маало и заобиколен пат Демир капија – клучка на автопатот Е-75. Покрај изградба и доградба на канализации во населени места и Демир капија, ќе изградиме и пречистителна станица за отпадна вода и модерна депонија за сортирање и одложување на отпад. Ќе уредиме и обележиме патеки за пешачење, планинарски и велосипедски патеки и ќе го доуредиме кејот на Бошавица.

Вински пат за промоција на туризмот

Градиме вински пат за промоција на винскиот туризам во општина Демир Капија, кој ќе овозможи креирање на нови туристички производи, и ќе го вклучиме во мрежата Итер витис на културни коридори на ЕУ.