Живот во Демир Хисар

за сите!
Програма

Квалитетна вода за сите

Со проектот за водоснабдување на населените места во Општина Демир Хисар ќе се обезбеди доволна количина на вода која ќе биде со подобар квалитет и пониска цена. Водата ќе биде хемиски и физички исправна вода за пиење, а граѓаните ќе бидат сигурни каква вода користат. Планираме доизградба на дополнителна водоводна линија во Базерник, Големо Илино, Растојца, реконструкција на водоводна мрежа во Прибилци, Загориче, Утово, Единаковци, Слоештица и решавање на проблемот со водоснабдувањето во Граиште, Обедник и Жван.

Атмосферска и фекална канализација

Ќе изградиме пречистителна станица во Демир Хисар за да го намалиме загадувањето на земјоделското земјиште и на Црна Река. Ќе ги уредиме постојните канали во Демир Хисар, и ќе доградиме нови кракови од атмосферската канализација. Ќе изградиме канализациона мрежа со пречистителна станица во с. Белче.

Грижа за земјоделците

Ќе го обновиме и ставиме во функција системот за наводнување од хидроакомулациите Стругово и Суводол за поквалитетно тутунопроизводство.

Патна инфраструктура

Ќе ги реконструираме улиците во Демир Хисар („1-ви Мај“, „Јордан Пиперката“, „Илинденска“, „Ѓорѓи Сугарев“). Ќе изградиме тротоари и велосипедска патека од Демир Хисар до бензинска пумпа „МА-ИТ“ и од Демир Хисар до раскрсница со Кутретино. Ќе ги реконструираме локалните патишта до Церово, Боишта, Радово, Базерник, Кочишта, Зашле и Сладуево.  Покрај асфалтирањето на локалните улици, ќе ги асфалтираме и патниот правец од Големо Илино до манастирот Св. Илија и патниот правец до манастирот Св. Тома во Граиште.

Развој на културата и туризмот

Ќе организираме годишна манифестација „6 дена Смилевски конгрес“ за промоција на Смилево и на културно-историското наследство на целиот регион. Ќе ги реконструираме селските куќи во Смилево и ќе поддржиме изградба на капацитети за примање на посетители, со цел развој на руралниот туризам. Ќе изградиме Дом на Писателите и меморијална соба во чест на Петре М. Андреевски.