Живот во Бутел

за сите!
Програма

Квалитетна вода за сите

Во Радишани целосно ќе ја поврземе водоводната мрежа од руралните делови со централната. Во Љубанци, водоводната мрежа ќе ја поврземе со градската, а во Љуботен ќе изградиме водоводна мрежа која исто така ќе биде приклучена на главната градска мрежа.

Го решаваме проблемот со канализацијата и отпадните води

Правиме проект за целосна изградба и поврзување на канализациона мрежа (атмосферска и фекална) почнувајќи од населбата Радишани. Темелно ќе го исчистиме коритото на Серава, ќе го решиме проблемот со диво приклучените фекални канализации, хортикултурно ќе го уредиме левиот и десниот брег на реката, и ќе изградиме патеки од с. Радишани до Бутел 1.

За почист воздух и пониски трошоци обезбедуваме гасификација на Бутел

За здрава животна околина, пониски трошоци и економски развој на општината ќе овозможиме достапност на гасот како евтин енергенс до секое училиште, амбуланта, детска градинка, институција, до фирмите и до секое домаќинство во општина Бутел.

Енергетски ефикасно осветлување

Поставуваме нови дополнителни улични лед светилки кои ќе ја искористуваат сончевата енергија. Со проектот за енергетска ефикасност во кој ќе биде втемелено користењето на сончевата енергија како извор на светлина, ги намалуваме трошоците на општината, а воедно и оптоварувањето на електричната мрежа.

Грижа за децата, грижа за иднината

Отвораме градинка во основното училиште Климент Охридски. Во Визбегово ќе изградиме ново основно училиште на нова локација (заедно со кошаркарско и фудбалско игралиште), а старото училиште ќе го реконструираме во градинка. Во Љубанци ќе изградиме детска градинка во склоп на основното училиште Гоце Делчев. Во Љуботен градиме ново училиште од прво до четврто одделение во долниот дел од селото.